16 Мај, 2008 - 22:26
Грабежот XXXII
Заминуваше. Остана само уште тоа нешто неспорно и апсолутно непроменливо. Тој заминуваше. Којзнае зошто и којзнае како, коцките се наместија тој да мора да замине. Му беа кажале неколку дена порано и едвај имаше време човекот да им каже на оние двајца што навистина нешто им значеше таквата информација. Се разбира, ни кажа на сите, но не можеше да ни биде никако поинаку отколку сеедно. Никој од нас не се растажи, никој не се израдува. Дали беше тој или некој друг, физиката остануваше подеднакво здодевна.
Јавна тајна веќе стана дека тие двајца се како едно. Тој ја правеше да се чувствува жива. Таа го потсетуваше дека не се сите жени исти, онакви какви што тој ги знаеше, како сите оние шаблонизирани блесоци од неговото минато што му одзеле едно чудо неброени делови од срцето. Се прашувал тој понекогаш дали има уште срце останато во неговите гради, не му било лесно, не можел ни да спие, сè додека не ја запознал неа. Барем така ѝ кажуваше кога ќе се сретнеа. И иако сите знаеја што тие двајца прават, речиси никој не ги имаше видено ни да се допрат со рацете.
Имав (не)среќа да ги начекам неколку пати како си зборуваат милно. Знаев понекогаш да отидам на некои чудни места и да налетам баш на нив. Понекогаш добивав чувство како само тие да постојат на светов и згора на тоа, уште и ме следат! А, можеби беше обратно. Можеби јас ги следев, без да сум свесен за тоа.
Заминуваше. Се сретнаа последен пат во салата. Никој немаше таму на крајот од учебната година. Сите имаа поумни работи зацртано во своите френетични распореди. Одеа некаде, правеа нешто, се самоубиваа полека, но сигурно, а јас, јас сакав да фрлам некоја топка кон кошот. Никогаш подобро време. Сиот простор само за мене. И одеднаш, ете ги нив двајца, влегоа во женската соблекувална.
Колку пати само сум се обидел да ѕирнам во таа соблекувална за да откријам некоја од тајните што ги криеја голите тела од моите соученички и никогаш тоа не ми беше успеало. Но, тогаш веќе беше полесно. Немаше наставник по физичко да ме предупреди да не го правам тоа, немаше други ученици од кои требаше да се пазам. Требаше само да најдам место за гледање и слушање. Се потпрев на вратата која водеше од соблекувалната во салата. Се задлабочив.
- Има замешано прсти. Знам – плачеше таа.
- Не е толку моќен.
- Сигурно има некои пријатели по чашка. Кафаните чуда прават! – подвикна.
- Ќе го суредиме. Не се секирај.
- Како?
- Така. Светот е наш. Веќе ти реков.
- Те отпуштија од работа. Ќе те видам некогаш пак? – праша со солзи во крупните очи.
- Секој ден.
- Лажеш! – му викна, удирајќи го во градите со двете раце.
Ја прегрна. Ја стисна силно со обете раце и не ја попушташе. Ја бакнуваше во челото.
- Ми оставија наследство.
- Кој?
- Баба ми и дедо ми – одговори тој со насмевка.
- Кога умреле.
- Сега брзо.
- И?
- Имаме доволно пари за да сториме сè! Богати копилиња беа!
- Значи ќе почнеме со.... – недоврши таа, а веќе сите солзи некако чудесно се исушија и се престорија во насмевки.
- Почнуваме уште утре – врати тој.
Се бакнаа онака страстно, како да ќе нема утре, како тоа да беше последниот пат што се гледаат. Тој ѝ ја пикна и раката под блузата. Шеташе со раката. Таа воздивнуваше. Се обиде со другата рака да ѝ ја турне главата кон неговиот скут. Таа се истргна од неговите стеги.
- Утре – тивко му рече и си излезе, со огромна насмевка растегната на лицето.


